Османи загрижен за обезбедување на 2/3 мнозинство: Процесот да се води внимателно – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/18 2:09 PM

Османи загрижен за обезбедување на 2/3 мнозинство: Процесот да се води внимателно

Вицепремиерот Бујар Османи изрази загриженост околу обезбедувањето на двотретинското мнозинство за последното гласање за уставните измени, кои се услов да помине договорот со Грција.

Целиот процес треба да го водиме внимателно затоа што дел од опозиционите пратениците можат да се откажат од Преспанскиот договор, и за една точка или запирка од четирите нацрт-амандмани на Уставот на Македонија.

Загрижени сме дали ќе обезбедиме 80 пратеници, кои треба да гласаат за промена на уставот или пак загрижени сме, како да ги задржиме осумдесетте пратенци кои првично гласаа за промена на уставот. Ние доцниме со овој процес. Немаме време да одиме на избори преку кои би можеле да обезбедиме 80 пратеници. Затоа треба да бидеме внимателни, затоа што немаме втора шанса, рече Бујар Османи вицепремиер.

Османи учествуваше на дебатата по повод нацрт – амандманите за промена на уставот,која денеска се одржа во Тетово. На дебатата беа покренати прашања околу промената и на уставот поврзан со етничките прашања. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, посочи дека тие прашање не треба да се отвораат сега, кога се води најважниот процес односно усвојувањето на амандманите кои се услов да се спроведе договорот за името кој нашата држава го има со Грција.

Ваквите дебати кои беа пет на број завршија денеска. Сега целиот процес ќе се одвива во собранието.. Очекувањата на Османи и Шеќеринска се дека на 9 или 10 јануари ќе се започне со јавната седница во собранието, каде ќе се води расправа, која треба да трае 12 дена, па потоа ќе се помине на конечното гласање за уставните измени.

Зоран Димовски