Заев: Да го прашам Иванов, каде во светот извршна власт апси, истражува и прави обвинителни акти?! – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/18 1:49 PM

Заев: Да го прашам Иванов, каде во светот извршна власт апси, истражува и прави обвинителни акти?!

Благодарение на многу професионалци, експерти и општественици од Источна Македонија, имавме можност да ги презентираме намерите на уставните амандмани и целта која што сакаме да ја постигнеме, изјави денеска премиерот Заев нa последната јавна дебата за уставни измени одржана во Штип.

На новинарско прашање колку изјавите на Заев за македонскиот јазик се контрапродуктивени за Преспанскиот договор и дали премиерот има сознанија дека Грција подготвува анекс во тој дел од договорот, Заеv потенцираше дека нема да има анекс.

„Факт е дека во Договорот стои македонски јазик, факт е дека е од јужнословенската група на јазици и тоа е нешто што е прифатливо во дел од Договорот. Како што е факт дека ние ќе бидеме Република Северна Македонија треба да внимаваме заради тоа што нашето право на самоопределување, нашето право на користење на македонскиот јазик е прифатено и признаено од Грција, јас верувам дека тој дел од договорот со Грција ќе биде нешто важно“, изјави премиерот Заев.

„Не е многу веројатно дека Груевски ќе биде екстрадиран“, изјави денеска евроамабасадорот Хан. На ова Заев вели дека не ја губи надежта и дека ќе настојува за негово екстрадирање.

„Јас продолжувам да правам напори како претседател на Влада заедно со институциите што ги имаме пред се Министерството за правда, да настојуваме да бараме негово испорачување затоа што тоа е минимум што можеме да очекуваме од пријателска земја, како што е Унгарија која е членка на Европската Унија и НАТО“, изјави Зоран Заев.

Прашан премиерот за коментар за обраќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов во петокот, Заев посочи дека е срамно да дава коментари за вакви работи.

„Не знам во кој свет одредени луѓе живеат, а така ќе го прашам и претседателот Иванов, каде во светот власта извршна апси, власта извршна истражува, власта извршна прави обвинителни акти или слично. Тоа е во надлежност на Јавното обвинителство и судството на Република Македонија. Веројатно бевме навикнати од претходната власт дека тоа е едно исто, но не е исто“, изјави Заев.

На ова Заев додаде дека поделбите во Македонија треба да се надминат, и заедно да се обединиме кон Европската Унија и НАТО како наши стратешки определби.