За 37 проценти се зголемени средствата за финансиска поддршка на компаниите, од кој Владата на РМ преку својот буџет како дел од севкупните мерки за економски раст предвидува 4,1 милијарда денари. Ова од Делчево го соопшти министерката без ресор за странски инвестиции, Зорица Апостолска, која пред бизнисмените од Пијанечко-малешевскиот регион, во рамките на организираната инфосесија, ги претстави трите столба од Планот на економски раст на Владата на РМ.
-На барање на стопанствениците во регионот и интересот на комапниите од Берово, Пехчево, М.Каменица и Делчево денеска ги појаснивме финансиските поддршки што ги дава Владата во рамките на планот за економски раст и согласно со Законот за финансика поддршка на инвестициите. Во текот на оваа година која е прва година од имплементација на овој Закон, за поврат на средства за инвестициски трошоци, аплицираа околу 100 компании од Македонија, додека само 4-5 компании од овој регион аплицираа по оваа мерка, што е многу мал број. Затоа е потребно да ги пијасниме и охрабриме стопанствениците, за да можат да го прошират својот бизнис и да инвестираат, истакна Апостолска.
Ирена Ѓеоргиевска од Фондот за иновации и технолошки развој истакна дека преку фондот се истакнува третиот столб од мерките на Владата, при што во тие рамки, повиците што се пласираат, посебно актуелниот повик кој како инструмент е наменет за микро, мали и средни претпријатија е отворен до 11 декември.
На инфосесијата присуствуваа претставниците на бизнис-секторот од регионот на Пијанец и Малеш и граѓани заинтересирани својата бизнис-идеја да ја претворат во профитабилен бизнис.
По завршување на инфосесијата, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, имаше средба со министерката Апостолска на која беа претставени заложбите на Општина Делчево за создавање поволна бизнис- клима и за отворање нови работни места.
Валери Спасевски


