Со вештачки дожд Кавадарци се бори против загадувањето на воздухот – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/18 7:38 AM

Со вештачки дожд Кавадарци се бори против загадувањето на воздухот

Кавадарци почна борба со загадениот воздух. Во вечерните часови кога нивото на ПМ честички се искачува и на ниво од над 300 микрограми на метар кубен се делува со вештачки дожд. Се работи за метод кој го открија градоначалникот Митко Јанчев и општинските служби. Првата вечер кога се делуваше од 300 микрограми за само еден час, ПМ 10 честичките паднаа на ниво под 100 микрограми.

Секогаш кога имаме алармантна состојба со ПМ10 честички, односно над 150 мг/м3 ќе се превземаат мерки со создавање вештачки дожд, односно прскање на вода во воздух со висок притисок. Исто и синоќа се работеше на тоа во период од 17 до 20 часот. Со три часовна активност успеваме да ги намалиме ПМ 10 честичките за да имаме чист воздух во текот на ноќта“ вели Јанчев

Методата за прочистување на воздухот воопшто не е скап процес, додадава градоначалникот.

„Не кошта ништо освен малку ангажман. Имаме приправни работници во Комуналец. Тие луѓе и пожарникарите ја извршуваат оваа метода.“ вели првиот човек на Кавадарци кој го иницираше овој начин за борба со загадениот воздух.

Eкологистите од еколошкото друштво „Еко живот“ ја поздравија ваквата иновативна активност на општината во борбата со загадувањето и најавуваат дека општината работела и на обезбедување на напредни скенери кои ќе го регистрираат загадувањето.

„Oвој метод ние како еколошка организација го поздравуваме и му препорачуваме на секој градоначалник каде загадувањето е алармантно да го примени. Обично се вели тој што не знае треба да праша“ велат од Еко Живот и му препорачуваат на злонамерните екологисти, како што ги нарекоа тие што го критикуваа методот со вештачки дожд да се намалуваат штетните честички од воздухот, ги советуваат да почнат во својата општина да влијаат за намалување на загадувањето.

„Повеќе од седум казни се изречени во рок од 15 дена. Има пуштено и две кривични пријави за загадување на воздухот на една локација во ромската населба каде се гореше пластика, гуми. Будно ја следиме состојбата и работиме на казнување на загадувачите. Најголем дел од домаќинствата домовите ги затоплуваат на дрва и тоа е главна причина за загадувањето“ вели градоначалникот.

Нивото на ПМ 10 честички во Кавадарци алармантно се зголемува во попладневните часови кога многу граѓани се враќаат од работа и ги палат огновите за затоплување на домовите.

Ангел Данов