ВМРО-ДПМНЕ Штип: Болницата е најрелевантен пример за изгледот на здравството во градот – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/18 12:31 PM

ВМРО-ДПМНЕ Штип: Болницата е најрелевантен пример за изгледот на здравството во градот

Болницата во Штип, изградена во 1937 година, е најрелевантниот пример за изгледот на здравството во овој град – реагираше денеска на прес конференција, Вишна Шорова Ангелова од ВМРО ДПМНЕ Штип.  Нејзиното обраќање во продолжение во интегрална верзија:

ВМРО-ДПМНЕ имаше решение како да ја замени ужасната состојба во која престојуваат пациентите и персоналот, со болница изградена по европски стандарди, но неспособната власт дури две години не може да најде заеднички јазик со веќе избраната компанија. Сето она за кое ВМРО-ДПМНЕ укажуваше во изминатиов период, конечно се покажа како вистина.

Две години на објектот на Клиничката болница нема никаква градежна активност и ако судиме по тоа што досега е направено, постои голема можност и во 2020 година, објектот да го затечеме во истата состојба. Оваа година Клиничката болница во Штип требаше свечено да биде пуштена во употреба. Од оваа година ќе се овозможеа современи услови за здравствена заштита за над 200.000 жители од градот Штип и целиот источен и југо-источен регион. Но, наместо да се грижат за граѓаните, политичката елита во Министерството за здравство изгледа повеќе се грижи како да фаворизира компании, како да вработи партиски кадар или како да полни џебови на поединци, за сметка на здравјето на сите пациенти во Источна Македонија.

Изгледа власта мисли дека со одолговлекување на реализацијата на Клиничката болница, граѓаните ќе заборават чиј беше овој проект. Затоа, по не знам кој пат, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја разбуди свеста на оваа неодговорна и неспособна власт и ја потсетува дека поминаа две години откако се на власт и со секоја постапка докажуваат дека ниту знаат, ниту можат да направат нешто за благосостојба на граѓаните!