Штипските угостители формираат здружение – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/18 3:13 PM

Штипските угостители формираат здружение

Фото: Архива

Состојбите со продуцирање на кадри во штипското угостителство, справување со нелојалната конкуренција, анализа на цените на пазарот околу организирање на свадби и веселби како и цените на услугите на други вршители на дејности, се дел од активностите кои ќе бидат во фокусот на работата на Здужението на штипските угостители чиешто формирање е во тек. Иницијативниот одбор го одржа првиот состанок, на следниот кој што треба да се одржи овие денови, неговото формирање и ќе се официјализира.

 Угостителите се жалат на нелојалната конкуренција којашто ја имаат од Универзитетскиот ресторан, сопственост на Уни сервис УГД Штип, но и бараат поголема соработка  со образовните институции кои што произведуваат кадри за потребите на угостителството.

Дел од активностите на Здружението на Угостителите ќе бидат насочени и кон состојбата  на договорите (сегашните и идните)со ЗАМП, но и како да се справуваат со девијантните појави во угостителските објекти.

На  првиот состанок одржан  по иницијатива на сопственикот на хотел  Ваго, Ѓоше Кубрев, штипските  угостители ја наметнаа потребата за организирање средба со претставници на штипската локална самоуправа на којашто ќе се разговара околу организацијата на Пастрмалијадата.