Младите од Кавадарци против петардите – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/18 2:56 PM

Младите од Кавадарци против петардите

Десет деца во просек во Македонија се повредени од несовесна употреба на петарди – покажува статистиката на МВР. Пред Нова година пукотниците од овие пиротехнички средства се слушаат во секој град. Со цел да се превенираат повредите на најмладите,  кавадаречката полиција заедно со учениците реализира превентивна акција преку која ги потсетуваат возрасните дека покорисно е наместо петарди да им купат топла облека или нешто за јадење.

„Секоја година околу 250 илјади  луѓе во светот стануваат инвалиди поради неправилна употреба на петарди. Од тие повредени 80 отсто се деца, бидејќи тие не се обучени за ракување со вакви пиротехнички средства. Во Македонија во просек за новогодишната ноќ околу десетина деца се повредуваат од петарди и завршуваат во болница. Сето ова сакаме да го спречиме и за среќа во Кавадарци во изминативе години немаме вакви повреди. За да го спречиме тоа и во иднина ги организираме овие акции“ вели Димитар Каракулев, инспектор за превенција во кавадаречката полиција.

„Татковци, ние сме деца и не знаеме да ракуваме со петарди. Сакате ли вашите деца да имаат повреди од петарди. Дедо те молам не ми купувај петарди, ако навистина ме сакаш купи ми капа, ракавици или шал“. Овие пораки ученици од  основните училишта во Кавадарци им ги упатуваат на возрасните.

За разлика од минатите години, годинава речиси и да нема пукотници од петарди кои беа карактеристика на наближувањето на новогодишната ноќ. Од полицијата се децидни дека интензивно на терен ќе работат на превентивни мерки, но ќе се спроведуваат и репресивни за продавачите на петарди.

 

Ангел Данов