Општината, бизнис секторот и екологистите од Кавадарци од синоќа започнаа со активности за изработка на локален еколошки акционен план. Со овој документ, кој недостасуваше петнаесетина години, Кавадарци ќе ги детектира проблемите, но ќе нуди и решенија во делот на екологијата.
„ Општина Кавадарци ажурно работи во делот на екологија со цел да го намалиме загадувањето. Бизнис секторот е тој кој активно учествува во екологијата и мислиме да ги вклучиме во овој процес и да го донесеме ЛЕАП-от со важност за наредните шест години, за да можеме да ја зачуваме екологијата на највисоко можно ниво“ вели градоначалникот Митко Јанчев потсетувајќи на мерките кои досега ги има реализирано општината за намалување на загадувањето. Општината делеше субвенции за енергетски ефикасни грејни тела, за велосипеди и термо фасади.
Екологистите ветуваат дека посветено ќе работат во овој процес.
„Ние како регионален еколошки центар во изминативе пет години се трудевме да го разбудиме вниманието на локалните власти дека на Кавадарци далеку од потребен му е ЛЕАП. Тоа е идејно решение со анализи со сите навики на граѓаните, решенија, вертикални и хоризонтални мерки кои можат да се применат во Кавадарци. И вклучително сите можни решенија со аеро загадувањето. Овој документ не е само за територијата на градот, туку и за цела општина заедно со Кожув планина. Кавадарци е втора по големина општина и голем е предизвикот да се сработи ЛЕАП-от“ вели претседателот на „Еко живот“.
Додека се презентираа насоките за акциониот план за екологија кавадарчани повторно дишеа загаден воздух. Нивото на ПМ10 беше околу 200 микрограми на метар кубен.
Градоначалникот вели дека гасификацијата е едно од можните решенија за помалку загаден воздух, а исто така најави и иновативни уреди за помалку ПМ честички во воздухот.
„Во текот на јануари идејното решение за гасификација го имаме, ќе формираме претпријатие и ќе чекаме да пристигне гасот во Кавадарци. Од Македонски шуми чекаме податоци колку семејства во Кавадарци се греат на дрва и врз основа на тоа ќе направиме анализа колку ќе можеме да ги прилагодиме кон гасификација. Во јануари пет пробни уреди ќе се поставуваат на колективни оџаци кои ќе ги задржуваат ПМ 2,5 и ПМ 10. Тоа ќе биде за тестирање. Екологијата секаде е проблем па и во поголемите европски градови“ вели Јанчев.
Покрај мерната станица на МЖСПП, Кавадарци има инсталирано мерни станици уште на три локации во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“. Градоначалникот информира дека се обработувале податоците и пред нова година ќе бидат споделени со јавноста.
„ Не е алармантна состојбата. Има денови кога има екстремно загадување, но во просек е во некоја нормала. Ваташа е почисто од Кавадарци. Околу новиот центар каде има повеќе население има и повеќе загадување“ нагласи градоначалникот.
Како што веќе информиравме инспекторите на терен утврдиле дека воздухот го загадуваат граѓаните, но и фирмите. Веќе биде поднесени и пријави против лицата кои загадувале со горење на гуми, пластика и прегорено масло за затоплување на домовите.
Ангел Данов


