Партиите се препукуваат, граѓаните се гушат: Воздухот и денеска екстремно загаден – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/18 10:48 AM

Партиите се препукуваат, граѓаните се гушат: Воздухот и денеска екстремно загаден

Фото: Архива

Две години откако СДСМ е на власт, нема преземено ниту една мерка за подобрување на квалитетот на воздухот, реагираше денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Нема проекти, но затоа министерот Дураку арогантно се однесува и порачува дека нема зошто да се занимава  со граѓаните, заменик министерот Макрадули спие во собрание додека се расправа за загадувањето, а Шилегов си игра игрички, со што покажуваат дека воопшто не им е грижа за нивото на загаденост на воздухот – реагираат опозиционерите кои предлагаат наместо субвенционирање за набавка на дрва, на социјално загрозените семејства да им се исплатат средства за сметките за потрошена електрична енергија.

Опозицијата предлага и владата да обезбеди субвенции во износ од 50% за набавка на електрични и хибридни возила во поголемите градови во првите 3 години, а потоа мерката да се прошири и во останатите средини.

Од СДСМ пак возвратија дека токму ВМРО-ДПМНЕ  е партијата која 11 години го игнорирала проблемот со аерозагадувањето.  Засилен е инспекцискиот надзор, се лоцирааат и санкционираат загадувачите на животна средина. Се преземаат мерки и против загадувањето предизвикано од домаќинствата кои се греат на нееколошки материјали или горива – тврдат социјалдемократите.

Додека партиите се препукуваат за проблемот кој со години веќе не е решен, граѓаните во континуитет се гушат. Воздухот и денеска е екстремно загаден како во Скопје, така и во сите поголеми градови во Македонија.

Концентациите на ПМ10 честичките од синоќа во главниот град се над 200 микрограми, достигнувајќи и до 588 микрограми на кубен метар.

Големо аерозагадување се бележи и во Битола каде се измерени концентрации на ПМ10 честичките од 149, Кичево 144, Тетово 154 и Куманово 147.