110 лица годинава  загинале во сообраќајни несреќи – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/18 9:19 AM

110 лица годинава  загинале во сообраќајни несреќи

Сообраќајната култура кај возачите и пешаците и понатаму е на пониско ниво, оценуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. 110 лица годинава, заклучно со октомври во земјава го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а илјадници се повредени.

Тоа е причината поради која републичкиот совет во наредните денови  ќе реализира едукативна акција во Кавадарци под мотото „Го сакам градот безбеден“, а воедно ја одбележува неделата за безбедност во сообраќајот.

Опфатени се децата од градинка, од основните и средните училишта но и младите во угостителските објекти каде консумираат алкохол, а потоа седнуваат зад волан.

„ Процесот на промена на навиките, културата и етиката на однесување во сообраќајот е долг процес кој бара континуирана едукација.  Самиоит процес на промена на навиките се одвива потешко,  од самиот процес на создавање на навиките,  затоа таргет ни се децата.  Сообраќајната култура постепено се менува. Сепак не можеме да кажеме дека сме задоволни од сообраќајна културна на ниво на Македонија. Лани 155 лица го загубија животот, а околу 6500 лица се тешко повредени. Годинава заклучно со октомври  110 лица го загубија живот. Очекуваме едно подобрување во однос на минатата година“ изјави за канал 77 Ристо Манчев, секретар на РСБСП.

Тој нагласи дека после едукативните средби, на терен сообраќајната полиција ќе врши засилени контроли со цел поголема безбедност во сообрќајот.

Кампањата републичкиот совет за безбедност ја реализира во соработка со општинскиот и локалната самоуправа. Статистиката покажува дека годинава во Кавадарци заклучно со септември настрадале 78 лица во сообраќајни незгоди. Едно лице загинало, а 15 биле тешко повредени.

„ Кавадарци како град ја заслужи оваа кампања,  затоа што во изминатава година вложува многу во сообраќајната инфраструктура. Се уредуваат сообраќајниците, хоризонтална вертикална сигнализација, тротоарите се ослободуваат за пешаците, се обележуваат и осветлуваат пешачките премини“ вели претседателот на кавадаречкиот совет за безбедност во сообраќајот, Љупчо Лазов.

Пораката до возачите е секогаш да имаат на ум дека децата не размислуваат за опасностите на патот и не се во состојба да ја проценат брзината со која се движат возилата, затоа да возат со помала брзина особено пред градинки и училишта.

Ангел Данов