Недоволниот број толкувачи на знаковен јазик и архитектонските бариери ги сегрегираат учениците со попречености – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/18 12:34 PM

Недоволниот број толкувачи на знаковен јазик и архитектонските бариери ги сегрегираат учениците со попречености

Фото: Архива

Образованието се’ уште ги сегрегира децата со попреченост, затоа е потребно законската рамка во земјава да се ревидира. Ова денеска на владините претставници им го порача претседателот на Националниот совет на инвладиски организации во Македонија, Чедомир Трајковски. На дебатата што Владата ја организираше по повод Светскиот ден на лицата со попреченост, Трајковски зборуваше за инклузијата на овие граѓани во македонското општество, каде како што вели тој има висок степен на предрасуди.

Недоволниот број на толкувачи на знаковен јазик го отежнува образовниот процес за глувите ученици, а архитектнските бариери се проблем за учениците или студентите, со телесен инвалидитет.

„Отсуствуваат континуирани акции за информирање за правата на лицата со попреченост, како на национално, така и на локално ниво. Постои напредок но се’ уште постои висок степен на предрасуди Препорачуваме спроведување кампањи за прикажување на лицата со попреченост како еднакви граѓани во општеството. Глувите лица се’ уште се соочуваат со потешкотии при користењето на знаковниот јазик, како основен начин за комуникација за нив. Истиот не се применува доследно, посебно во државните установи. Информирањето на глувите лица преку електронските медиуми, вклучувајќи го и јавниот сервис е многу ограничено и програмските содржини не се толкуваат на знаковен јазик. За лицата со интелектуална попреченост скоро и да не се употребува формат кој е лесен за читање. Апелим државата да го ратификува Договорот од Маракеш, чие неофицијално име е Глад за книгата,  кој им го обезбедува основното право на слепите и слабовидните лица – правото да читаат, да им овозможат  достапност на пишаните материјали во пристапна форма“, посочи Трајковски.

Министерката за труд и социјална политика пак, Мила Царовска потенцираше  дека со измените во Законот за социјална заштита правота за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост:

„Она што можам да кажам дека на барање на родителите од 2019 година со новиот Закон за социјална заштита, правота за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост. Додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува на 50% од просечна нето плата. Воедно се воведува таканаречен траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст, коешто не било сместено во институција. Ќе може да го користи секој родител којшто не работи по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж“.

Новото истажување на УНИЦЕФ пак, заклучува дека кога на децата со попреченост ќе им се дадат можности да ги покажат своите способности, општеството може да  ја надмине стигмата која ги спречува децата со попречност да се вклучат и да учествуваат во општеството. 62 проценти од анкетираните лица потврдиле дека познаваат дете со попреченост и дека имаат почести контакти со него, за разлика од 2014 година кога 45 проценти се изјасниле дека познаваат вакво дете. Повеќе од 90 отсто сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познајник, соученик и другар на деца со попреченост, што не било случај во 2014 година, кога во просек 32 проценти сметале дека е прифатливо нивното дете да биде соученик на дете со попреченост.

Годинава Меѓународниот ден на граѓаните со попреченост се одбележува под мотото Оспособување на лицата со попреченост и обезбедување на инклузивност и еднаквост.

 

Вања Мицевска