Лозарите бараат ревизија на работењето на Стефанс вајнери  која замина во стечај – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/18 7:45 AM

Лозарите бараат ревизија на работењето на Стефанс вајнери  која замина во стечај

„Стефанс вајнери“ од Кавадарци, винарската визба која  им должи околу 850 илјади евра на лозарите  веќе е во стечај. Тие се исплашени дека тешко ќе можат да дојдат до своите пари од стечајната маса,  за грозјето кои го дале во винаријата во 2015 година.

Производителите на грозје се надевале дека ќе си го наплатат долгот од виното направено од нивното грозје откупено таа година, но добиле информации дека производот мистериозно исчезнал.

„Ние знаевме каде е тоа вино и како е продадено. Требаше нас да ни исплатат од тоа вино. Грозјето фактички е украдено од нас, а виното мистериозно исчезна. До крај ќе си ги бараме парите. До еден денар мора да ни се исплати. Лозарите неможе да останат и без пари,  без грозје и без вино“ вели Трајче Кулев претседател на здружението „Напредни лозари“.

Тој нагласува дека бараат да се изврши ревизија на винаријата, со цел да се согледа како од успешна компанија стигнала до стечај,  но и некој да понесе одговорност доколку бил направен криминал.

„Сакам и се надевам дека ќе се направи една ривизија. Да се согледа како е дојдено до тука. Тоа беше една голема германска инвестиција. Ние предадовме над 20 милиони грозје“ вели Кулев.

Од здружението ја нагласуваат поддршката од инспекторатот за земјоделство и од министерството. Велат дека доколку нема да можат да си ги добијат парите за грозјето, тогаш да им ја продадат винаријата на нив.

„Зошто нас не не понудија, можевме и ние да си купиме визбата како ационери. Имаме побарување. Ако требаше ќе земевме како земјоделци кредит и ќе си ја купевме“ дециден е претседателот на лозарското здружение.

Како што мистериозно на Божиќ го снемало виното, односно било префрлено во друга македонска винарија, па продадено,  лозарите биле информирани дека мистериозно ги снемало и флашарата и цистерните иако биле под хипотека.

Ангел Данов