Неготино нема мерна станица која го следи квалитетот на амбиенталниот воздух. Граѓаните воопшто не знаат каков воздух дишат, но се жалат дека најверојатно поради загаден воздух се соочуваат со здравствени проблеми. Чести респираторни инфекции и алергии дијагностицирале матичните лекари.
Од општината денеска информираа дека комуналните инспектори при редовни контроли регистрирале зголемена употреба на пластика, прегорено масло од возила и стари гуми за затоплување на домовите кај одредени семејства, или пак при процесот на варење ракија.
„Од локалната самоуправа апелираме до овие граѓани да престанат со употреба на вакви материјали кои придонесуваат за загадување на амбиенталниот воздух и за таа цел најпрво ќе бидат опоменувани од страна на комуналните редари кои во континуитет се присутни на терен и ги регистрираат ваквите состојби“ вели Методи Митрев портпарол на општината.
Тој нагласува дека доколку превентивните мерки не ги дадат очекуваните резултати, ќе се пристапи кон примена на Законот за амбиентален воздух и Законот за животна средина чии одредби предвидуваат казнување на несовесните граѓани и правните лица.
Ангел Данов


