Студентските права денеска анализирани на работилница во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/18 6:16 PM

Студентските права денеска анализирани на работилница во Штип

На Универзитетот „Гоце Делчев“ се’ уште нема Студентски правобранител. Тоа е само едно од повеќето тела кои досега не се реализирани, а се предвидени и со законската рамка и со актите на самиот Универзитет. До ваков заклучок дошле младите правници од Здружението „Легал тинк“ кои денеска ја презентираа анализата за правата и обврските на студентите и студентските претставници при УГД.

Анализата вклучува и финансиски дел за работењето на оваа високообразовна институција, но презентираните податоци се добиени само од Централниот регистар на Македонија – вели претставникот на Здружението, Филип Кулаков.

„При обраќање кон Студентскиот парламент при УГД за да ги добиеме нивните годишни финансиски извештаи тие не’ известија дека истите немаат јавен карактер, што не соодветствува со Законот за здруженија и фондации. По обраќање со жалба до Комисијата за правото на пристап до информации од јавен карактер, во законскиот рок од 15 дена не добивме одговор и не беше издадено никакво решение од нивна страна. Затоа финансискиот дел е единствено базиран на завршни сметки добиени од Централниот регистар “.

Младите правници денеска ја презентираа оваа анализа на работилница со студентите, со цел да ги запознаат со формите на студентско организирање. Ова е првата од низата работнилци кои ќе спроведуваат на тема „студентски права“ – најавува Ивана Стојанова од Здружението:

„Ќе дискутираме за пропустите кај овие тела на студентско организирање при УГД. Ќе дадеме одредени препораки како во иднина да се подобри студентското организирање и како на подобар начин да се решаваат проблемите на студентите во Штип“.

Денешната работилница се одржа во Мултимедијалниот центар Канал 77 во Штип. Презентираната анализа пак, е дел од проектот Студентски активизам поддржан од Фондација отворено општество Македонија.