Доскорашните сопартијци на градоначалникот Митко Јанчев, кој беше и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ се оградија од неговите изјави и активности во делот на обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени и соработката со премиерот Заев.
Преку партиско соопштение тие го повикаа да се приклучи на денешниот протест во Скопје и да застане рамо до рамо со луѓето кои стоеле до него за локалните избори.
„Го потсетуваме градоначалникот дека тој мора да ја почитува волјата на мнозинството граѓани, кои недвосмислено на 30ти септември го искажаа својот став и застанаа против промена на Уставот,а со тоа и промена на уставното име. ОК на ВМРО-ДПМНЕ целосно го поддржува Претседателот Христијан Мицковски во неговите напори за евро – атланска интеграција на Македонија и влез во овие структури под Уставното име“ пишуваат од кавадаречкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и го прашуваат Јанчев кои опструкции ги правел претседателот Мицкоски и зошто доколку се повикувал на транспарентност со фамилијата Заеви се сретнувал во хотел, далеку од очите на јавноста.
Во писменото обраќање раководството на комитетот во Кавадарци ја информира јавноста дека ќе правеле темелни анализи по што ќе донеле одлуки за понатамошното делување на партијата на локално ниво, но и прашуваат Јанчев дали се консултирал со граѓаните кои гласале за него како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и покрај притисоците кои ги имале од неговиот сегашен пријател Заев.
Оваа реакција, доаѓа по вчерашната средба на Јанчев и Никола Тодоров со Заев, која се случила во Струмица. Таму тие разговарале за уставните измени и реформите кои треба да ги спроведе Република Македонија и му ветиле на премиерот дека ќе помогнат во обезбедување двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.
Ангел Данов


