Почина драматургот Горан Стефановски – ММС
ММС

Објавено на: 11/28/18 9:50 AM

Почина драматургот Горан Стефановски

На шеесет и шестгодишна возраст, во местото Кентбери во Англија, почина познатиот македонски драмски писател, Горан Стефановски. Тој е роден во Битола, на 27 април 1952 година и важи за еден од наплодните драмски писател од современата македонска книжевност. Тој е постар брат на македонскиот гитарист и композитор, Влатко Стефановски.

Во 1979 година станал член на Друштвото на писатели на Македонија, а потоа и на Македонскиот ПЕН центар. Со неговата појава современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.

Автор е на телевизиските драми „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ сериите „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“, но и добитник на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стеријина награда“, „Војдан Чернодрински“.

Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

По неговата смрт, неговите пријатели и колеги од него се збогуваа со емотивни пораки на социјалните мрежи. Една од нив е и актерката Весна Петрушевска која напиша дека тој и’ бил и пријател и колега и дека богатството што го оставил е непроценливо.