Играјќи игри на својот мобилен телефон, градоначалникот на главниот град, Петре Шилегов денеска ја следи јавната расправа во Собранието посветена на големото аерозагадување.
Расправата ја организира Комисијата за транспорт, врски и екологија, а освен пратениците на истата се очекува да говорат претставници од различни организации, институции, здруженија и асоцијации со цел да се дадат предлози како да надмине проблемот кој секојдневно го загрозува здравјето на граѓаните. За заинтересираноста на Шилегов сведочи и видеото кое го објави Пресинг.мк, а според кое, тој успешно поминува нивоа на играта што ја игра на мобилниот за време на обраќањето на пратеникот Влатко Ѓорчев.
Додека граѓаните во земјава, која Euronews ја рангираше како најзагадена во Европа, секојдневно се гушат, аерозагадувањето со денови е тема на партиски препукувања. Откако министерот за животна средина Дураку изјави дека не се бави со граѓаните, за потоа да се „правда“ дека не се изразил доволно јасно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати,па и денеска реагира дека власта манипулира и се расфрла со лажни ветувања.
Од СДСМ пак, претпладнево повторно се пофалија со Планот за почист воздух, со кој сметаат дека на долг рок ќе го решат проблемот со загадувањето.
Сепак, токму овој План беше оспорен од невладиниот сектор, од каде меѓудругото реагираа дека истиот е дискриминаторски бидејќи со него се очекува загадувањето да биде преполовено само во Скопје, а во градовите од внатрешноста процентот на намалување на загаденоста да биде помал.


