фото: МИА
Осумстотини и осумдесет Роми средношколци ќе добијат стипендии од Управата за развој и унапредување на образованието на помалите етнички заедници. Директорот на Управата, Милутин Станчиќ денеска на прес конференција соопшти дека вкупниот износ на стипендиите е 10 980 000 денари. Средношколците од ромска националност за овие стипендии кои опфаќаат пет категории, ќе може да конкурираат до 12 декември.
Станчиќ додаде дека паралелно поддршка за средното образование на Ромите ќе обезбеди и проектот кој го реализираат со Ромскиот образовен фонд од Будимпешта:
„Со проектот ќе се обезбедат 160 тутори и 50 ментори кои ќе работат за подобрување на основните резултати и зголемување на редовноста кај учениците. Покрај менторството и туторството ќе бидат обезбедени дополнителни 150 стипендии во петта категорија“.
Образованието е и една од областите во кои Македонија, со потпишување на Декларацијата „Декада на Ромите“ се обврза да работи со цел да го премости јазот помеѓу Ромите и останатите етнички заедници. Сепак, и по три години од завршувањето на десетгодишниот процес за интеграција на овие граѓани во општеството, тие не можат да ги остварат своите права – покажуваат истражувањата на Народниот правобранител. Според истите, и понатаму останува голем бројот на деца Роми кои по завршување на основното образование, не продолжуваат во средно. Најголем број од учениците Роми во основното образование биле запишани во учебната 2008/2009 година или над 10 илјади деца, но дури 60 проценти од нив го напуштиле образовниот процес.


