СЈО тврди дека Јанакиески се подготвувал да бега: Тој и Божиновски бараат укинување на мерката притвор – ММС
ММС

Објавено на: 11/26/18 5:16 PM

СЈО тврди дека Јанакиески се подготвувал да бега: Тој и Божиновски бараат укинување на мерката притвор

Порнешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска потврди дека бил на средба кај претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Сепак, тој вели дека таму не бил како обвинет во постапките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), туку како граѓанин, загрижен за актуелната политичка состојба во земјата. Јанакиески кој од пред скоро 2 недели е во притвор денеска на јавна седница во Апелацискиот суд побара оваа мерка да биде укината. Според него, при определувањето на мерката притвор институциите ги прекршиле законите, конвенциите и човековите права.

Барањето за притвор на екс министерот до судот беше упатено од СЈО по претходна службена белешка од УБК, според која, тој пробал преку посредник да побара амнестија од претседателот Иванов по бегството во Унгарија на осудениот Груевски. Според таа белешка, наводно, кога Иванов го одбил и рекол дека не може да се меша во судски одлуки, Јанакиески кажал дека штом е така, и тој ќе избега. Поранешниот министер сепак, денеска изјави дека службената белешка на УБК е фингирана.

Обвинителката Лиле Стефанова пак, реагираше дека тој не кажал за што точно зборувал кога бил кај претседателот Иванов ден пред да ја добие мерката притвор од 30 дена. А за Иванов, рече, нема да очекува да открие дека збореле за повторна амнестија како последен обид на Јанакиески.

На денешната јавна седница во апелација, повлекување на мерката притвор побара и Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, кој исто како и Јанакиески е обвинет во случајот „Титаник“. Божиновски пред судиите посочи дека нема намера да бега, а како доказ за тоа го посочи седумнаесетмесечното почитување на мерките на претпазливост определени од Судот.

Божиновски најостро го осуди бегството на Никола Груевски и рече дека со тоа е предизвикана непроценлива штета по сите процеси во државата, но и дека секој си носи последици за своите постапки.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, рече дека останува на писмено поднесениот предлог да бидат одбиени жалбите на одбраната како неосновани, а решението за притвор да биде потврдено во целост како законито.

Апелацискиот суд има рок од 48 часа да донесе одлука по жалбите за мерката притвор.