Архитектурата во минатото е дел од малите автентични куќарки претставени на изложба во кавадаречкиот музеј галерија. Автор на овие дела е уметникот Емил Димовски од Прилеп, по вокација професор по физика. За неговото творештво говореше директорката на музеј галерија, Весна Ѓорѓиева. Рече дека Димовски од мали нозе ги негувал телентот и љубовта кон уметноста, а со многу работа, трпение и љубов ги создавал уметничките креации.
-Секое дело носи порака, своја тајна и инспирација. Со каменчиња и дрвца, керамиди и трева, создава куќарки-макети, но и слики предадени во тродимензионална форма. Тој со своите дела не дозволува старата архитектура да замине во заборав и не враќа “(На) корените”, како што е и насловена оваа изложба, нагласи Ѓорѓиева.

Експонатите претставени на изложбата автентично ја пренесуваат неимарската традиција во Македонија, како неисцрпен креативен ресурс, чии темелни корени не треба да се заборават.
Авторот на отворањето на изложбата рече дека идејата со оваа изложба му била да ги претстави куќите кои ги посетувал од мали нозе. Повеќето биле разурнати, а тој ги претставува по сеќавање или според слики, со единствена цел, истите да не се заборават.

-Ако корените се трули, џабе е стеблото горе. Кога-тогаш ќе падне и тоа. Значи корените треба да се здрави. Ако корените се здрави, дури и да го пресече некој стеблото, ќе прорти ако има корени здрави. Корените се суштинско нешто, рече авторот.
Новинарката Каролина Мицевска, од Прилеп, рече дека со оваа изложба, се презентира она што многу малку луѓе го работат во Република Македонија.
Aнгел Данов


