Големиот туристички потенцијал со кој располага Македонија, скијачкиот центар Кожуф и планината со целата своја убавина, со години зјаат празни. Таму е неможно да се оди. Претходната влада изгради пат од 15 километри, но поради негрижа, патот беше оставен на милост и немилост на природата, па така од 2012 година до скијачкиот центар не може да се стигне поради големи одрони и оштетувања на регионалниот пат. Центарот ја има најмодерната шестоседа жичница на Балканот, прва инсталација за технички снег, но сето тоа е бадијала. Инвестираните 20 милиони евра во скијачкиот центар со години не дадоа можност да се развива туризам.

„Ние како компанија поднесовме многу жалби и приговори, бидејќи ова е прв пример во светот, државата да потроши 8 милиони евра за пат и да се остави на милост и немилост на природата“ вели за Kанал 77, извршниот директор на компанијата Ски Кожуф, Ангел Наков и открива дека е започнат проект за санација на патот, а се работи и на план за преструктуирање.
„Во овој момент се работи на проект за санација од Агенцијата за патишта. Распишан е тендер. Ние се надеваме дека од април месец овој пат ќе биде саниран и со почетокот на летната сезона дека ќе биде пуштен во употреба. Поради одлуката на претходната влада да изгради 5 рудника на Кожув, колатерална штета беше скијачкиот центар. Кој се наоѓа помеѓу две концесии за експлоатација на злато. За тоа не бевме свесни се до 2016 кога се организираа референдуми против рудници“, додава Наков.
Според него, единствената пречка што го стопирала развојот и заживувањето на центарот била, како што вели, налудничавата одлука на претходната влада да се градат рудници.
Наместо да развиваме туризам и земјоделие, одлучија Македонија и овие најубави предели да ги претворат во пустина, во рударски крај. Сега таа работа е на страна. Отворена ни е стечајна постапка. Процесот е дојден до план за реорганизација кој ќе биде понуден на доверителите и до средина на јануари тие треба да одлучат за планот. Убедени сме дека ќе го прифатат. Бидејќи досега се вложени околу 20 милиони евра на Кожув. Се изгради првата шесто седа жичница на Балканот. Првиот систем за технички снег во Македонија. Комплетна инфраструктура, подземен далновод од 4 км, водоснабдување. Се продадоа околу 200 плаца. Луѓето почнаа да градат свои сместувачки капацитети“, објаснува Наков. Тој се надева дека актуелната власт нема да дозволи да заживеат рудници среде еколошка оаза и најавува дека скијачкиот центар конечно, после долги години да биде во функција на љубителите на природата и зимските спортови.
„За оваа сезона е невозможно да се рестартира, но сме убедени дека до јуни патот ќе биде завршен планот за реорганизација ќе биде усвоен и најголемиот туристички потенцијал на Македонија, оценка дадена од маѓународни топ корпорации, ќе проработи. Очекуваме наредната година да се почне прво со летната сезона, со понуда за велосипедизам, планински, шетање. Клучен момент секако ќе биде отворањето на зимската сезона“, открива Наков и најавува нои ски лифтови и жичница.
Ски центарот Кожуф почна да се гради во 2000 година и беше амбициозно најавуван како најмодерен и најголем не само во Македонија, туку и на Балканот, со оглед на снежните денови во текот на годината, можностите за изградба на ски патеки и секако местоположбата за привлекување туристи од Грција, Бугарија и од Албанија. Кога другите центри немаа снег или тој беше малку на Кожуф снежната покривка беше и над 120 сантиметри.
Ангел Данов


