Дебар денеска се прости од градоначалникот Ружди Љата, кој по кусо и тешко боледување почина вчера на шеесет и петгодишна возраст.
Членови на семејството, голем број негови роднини и пријатели и претставници на институции, градоначалници, муфтии и имами од Македонја, Албанија и од Косово, присуствуваа на комеморативната седница одржана во големата сала на Центарот за култура.
„Беше човек со големо срце, кој зад себе остави големи дела, човек кој даде голем придонес во изградбата на Дебар во европски град, во негувањето на соживотот и верската толеранција. Иако физички нема да биде меѓу нас, неговиот дух и дела секогаш ќе бидат со нас“, рече претседателот на Собранието на Република Македонија,Талат Џафери, искажувајќи длабоко сочувство до семејството од свое и од име на сите пратеници.
Од Љата се простија и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу од името на ЗЕЛС, претседателот на Советот на општината Башким Машкули, како и првите луѓе на Исламските верски заедници на Македонија, Албанија и Косово, Сулејман Реџепи, Скендер Бручај и Наим Трнава.
Претходно Советот на општина Дебар одржа вонредна седница на која беше донесена одлука за прогласување тридневна жалост(25,26 и 27 ноември).
До неговото вечно почвалиште на муслиманските градски гробишта во Дебар го испртиаја повеќе илјади граѓани.
Љата е роден 1953 годна во Дебар, средно образование завршил на медресето „Алаудин” во Приштина, дипломирал на Филолошкиот факултет во Приштина, на отсектот ориентални јазици, каде се стекнал и со титулата магистер. Од 1980 до 1991 година работел во Исламската верска заедница и професор на Унверзитетот во Приштина на Катедрата за ориентални јазици. Бил професор и на Исламскиот факултет во Скопје и Тетово.
Пред да биде избран за градоначалник на Дебар, во 2013 годна, беше прв човек на дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше. Во 2017 година граѓаните му ја дадоа довербата по вторпат.


