Скопје и Атина оствариле напредок за учебниците – ММС
ММС

Објавено на: 11/24/18 11:53 AM

Скопје и Атина оствариле напредок за учебниците

Преговорите околу ревизијата на учебниците по историја, предвидена со Договорот од Преспа, напредуваат, јавуваат грчките медиуми повикувајќи се на кажаното на министерскиот состанок во Солун во изминатите два дена.

Според грчкиот весник Екатимерини високи претставници на Грција и на Македонија соопштиле дека е остварен напредок во преговорите за воведување измени во учебниците во двете земји, во рамките на напорите за ставање крај на непријателствата меѓу нив.

Во рамките на Договорот од Преспа , двете страни се обврзаа дека ќе преземат низа мерки во насока на воздржување од непријателски активности и реторика. Слични иницијативи неодамна се покренати и меѓу Грција и Албанија и меѓу Македонија и Бугарија. За напредокот околу ова прашање беше разговарано на состанокот на министрите за надворешни работи Грција, Бугарија, Македонија и на Албанија кој се одржа во Солун.

„Историјата треба да биде можност за учење во училиштата а не (ментален) затвор“ изјави заменикот шеф на грчката дипломатија Јоргос Картугалос. Инаку и грчката и македонската опозиција остро се спротиставуваат на Договорот од Преспа.

Изврор: DW