Поголем буџет за одбраната во 2019 и законски измени за статусот на воените пилоти – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/18 2:08 PM

Поголем буџет за одбраната во 2019 и законски измени за статусот на воените пилоти

Вработување на воените пилоти во моментот кога тие ќе почнат со обука. Ова Министерството за одбрана ќе го предложи како измена во Законите за одбрана и за служба во армијата – информираше денеска ресорната министерка, Радмила Шекеринска. Таа рече дека прашањето со воените пилоти во земјава е проблематично од правен аспект, зашто тие почнуваат со обука, а немаат работен однос со Министерството и поради немање сигурност, по кратко време се откажуваат:

„Бројот на воени пилоти одговара на потребите во главно, но не е важно само да создадете пилоти, туку тие да имаат ресурси за да може да летаат толку колку што предвидуваат стандардите. Имаме постојано отворен конкурс и тоа ќе го продолжиме и догодина. Сите кои ќе ги поминат тешките, но објективни тестирања ќе бидат потребни на Армијата. Бројката на подготвени пилоти е далеку под бројките кои сме ги најавиле пред повеќе години.
Кога отвораме конкурс за воени пилоти тие започнуваат со обуката, Македонија плаќа голема цена за тоа, а при тоа тие немаат воопшто работен однос со Министерството. Голем дел се откажуваат бидејќи немаат сигурност“.

Презентирајќи го Буџетот за одбраната за 2019 година, кој ќе изнесува 8,3 милијарди денари, Шекеринска најави повеќе пари за реформи во одбранбениот сектор. Според неа, ќе има и подмладување на составот.

„Оваа година во Буџетот вкалкулиравме 375 нови професионални војници, во првите два циклуси веќе се примени 250. За следната година предвидуваме подмладување на составот. Акцентот ќе биде ставен кон помлади кадри во АРМ, а во Министерството за одбрана предвидуваме само пополнување на испразнетите места, но нема да се оди на зголемување на вкупната бројка“.

Во однос на ребалансираниот буџет за 2018, буџетот за одбраната за следната година е зголемен за 33 проценти. Тој треба да овозможи модернизација и опрема на Армијата со цел исполнување на НАТО стандардите.