По долгиот сушен период, врнежите од дожд и снег во изминативе денови се добредојдени за земјоделските култури и започнување на есенската сеидба, оценува професор д-р Ристо Вучков. Тој апелира до земјоделците пред новиот влажен бран, кој се најавува за следната недела да ги искористат овие денови за завршување на одредени операции.
Сушниот период беше главна причина за одложување на сеидбата, но и за орање на површините.
„Факт е дека веќе го имаме есенскиот амбиент каде што со овие врнежи, иако се минимални, по оние стотина дена немање дожд, секако ќе ја ублажат онаа катастрофална состојба со почвата. Најавата дека ќе имаме уште врнежи охрабрува. Сега најважно е земјоделските производители максимално да се ангажираат по однос на интензивна обработка на почвата и фаќање на оптималниот период за есенска сеидба“ вели профВучков.
Тој апелира до лозарите да не брзаат со почетокот на кроење на виновата лоза, бидејќи сеуште е рано да се каже дали во текот на зимата ќе имаме негативни температури кои можат да наштетат на веќе искројаните лози.
Ангел Данов


