ДУИ – Во Гостивар снегот ќе го чисти туристичка агенција – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/18 2:42 PM

ДУИ – Во Гостивар снегот ќе го чисти туристичка агенција

Гостиварскиот огранок на ДУИ го обвини градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари дека го дал тендерот за зимско одржување на патишта на туристичка агенција која нема механизација да го чисти снегот. Таравари ги отфрли сите обвинувања и посочи дека се запазени сите законски процедури .

Од гостиварскиот огранок на ДУИ велат дека направен е и голем скандал и тендерот во вредност од 5 милиони денари за зимско одржување на патиштата е даден на туристичка агенција која ја нема потребната механизација за чистење на снегот

„Таравари на овој начин ги игнорира фирмите кои вложиле пари за да набават механизација каква што се бара за чистење на снегот. Скандалот е уште поголем ако се знае дека истата туристичка агенција, го доби и тендерот за превоз на ученици. Јавно го молиме Таравари да одговори како чистењето на снегот е доделено на фирмата за која сите жители на Гостивар знаат дека не се занимаваат со оваа дејност. Сите граѓани знаат дека оваа компанија се занимава со превоз на патници, а не со чистење на снег. Дали на Таравари му е јасно дека чистењето на снегот се врши со специјални возила за таа намена, а не со автобуси во сопственост на туристичка агенција”, стои во соопштението од ДУИ.

Градоначалникот Таравари одговори дека при тендерот за зимско одржување биле запазени сите законски процедури, а фирмата која е избрана дала најповолна понуда,  на тој начин ќе се заштитат парите од општинскиот буџет.

Зоран Димовски