Ученици од Куманово учеа како безбедно да го користат интернетот – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/18 2:27 PM

Ученици од Куманово учеа како безбедно да го користат интернетот

Вториот циклус на програмата Едукативната програма за деца – “Интернетот не e само игра. Кликај безбедно…” на телекомуникациската компанија Вип кој оваа година е предвидено да опфати повеќе од 20 основни училишта од различни градови на Република Македонија, започна денеска во О.О.У. „Крсте Мисирков“ во Куманово за учениците од 4-то одделение.

Долгорочна цел на проектот, според Мислав Галер, извршен директор на ВИП, е истиот да прерасне во традиција и да се опфатат што поголем број на ученици.

„Целта на проектот е да ги подготвиме децата уште од најмала возраст да знаат како подобро и паметно да ги ползуваатпридобивките од Интернетот при нивното континуирано учење, надградба и забава, со особен акцентна нивната безбедност при неговото користење“.

Партнери на проектот се Министерството за образование и наука на Република Македонија, Бирото за развој на образованието, како и менаџментот и наставниот кадар на основните училишта каде се реализираат предавањата.

На презентацијата на проектот денеска присуствуваше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми кој рече дека исте имаат обврска да им ги обезбедат ресурсите на децата кои придонесуваат за нивниот понатамошен развој.

„Од особена важност е образовниот процес континуирано да се надградува и надополнува со  содржини и програми кои соодветствуваат со динамиката и потребите на современото живеење, безразлика дали станува збор за формално или неформално учење. Навистина ми е драго штокомпанијата Вип вистински ја препознава потребата и активно придонесува кон создавање напридобивки кои ги користат најмладите генерации, изјави Адеми.

На настанот свое обраќање имаа и градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски и директорот на училиштето Александар Јовановиќ кои ја поздравија програмата и истакнаа дека соработките од ваков вид значително придонесуваат кон јакнење на капацитетите на граѓаните и децата во заедницата, но и подготовка за реалниот свет на најмладите.

Предавањата и оваа година ќе ги реализираат вработените на Вип, кои преку интерактивни и интересни предавања прилагодени на возраста и образовната програма, ќе го прошируваат знаењето на учениците за Интернетот, фокусирајќи се на безбедноста и заштитата на личните податоци на децата.

Во рамките на едукативната програма, до крајот на учебната година ќе бидат опфатени учениците од  четврто одделение во 12 општини: Битола, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Прилеп, Неготино и Гевгелија.

Проектот “Интернетот не е само игра. Кликај Безбедно” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на Телеком Австрија Групацијата, која во Македонија започна во 2013 година. Во рамките на проектот, минатата година предавањата ги проследија повеќе од 700 четврто-одделенци, од 28 македонски и албански паралелки од 10 училишта од 8 општини на територијата на град Скопје, а активно беа вклучени и повеќе од 70 наставници, директори, педагози и психолози од училиштата. Целта на оваа иницијатива е преку различни алатки, програми и тренинзи, учесниците да ги стекнат неопходните компетенции за нивно вклучување во општественото живеење во ерата на дигитализацијата.

Никола Ивановски