Една третина од даночните обврзници во земјава веќе извршиле електронска регистрација за персонален данок, рече денеска во Кавадарци директорката на УЈП Сања Лукаревска. Таа нагласи дека за таа цел се ставени сите капацитети во функција со цел граѓаните да ја завршат оваа обврска до крајот на годината.
„Бројките се менуваат од ден во ден. Досега имаме околу една третина на регистрирани физички лица. Очекуваме дека тој број ќе биде поголем. Имаме мобилни тимови низ сите даночни обврзници независно дали се големи мали или средни. Ги посетивме сите министерства. Отворивме канцеларии во дел од единиците на локалната самоуправа. Таму каде што нема отворено допрва ќе отвораме. Ќе работиме и сабота и недела доколку е потребно се во интерес на граѓаните.
Дали и пензионерите ќе имаат обврска да се регистрираат во електронскиот систем на УЈП ќе биде познато во текот на утрешниот ден.
„Утре ќе имаме прес конференција и ќе го објавиме нашето законско решение и сметаме дека ќе бидат задоволни сите“ рече Лукаревска.
Во Кавадарци денеска Управата за јавни приходи во соработка со регионалната стопанска комора ги собра на едно место бизнисмените и спортските клубови со цел да им ги презентира законските ослободувања за компаниите кои донираат за унапредување на спортот.
Ангел Данов


