Штип почна со набавката на дополнителната сообраќајна сигнализација пред училиштата – ММС
ММС

Објавено на: 11/20/18 2:19 PM

Штип почна со набавката на дополнителната сообраќајна сигнализација пред училиштата

Општина Штип денеска ја распиша тендерската постапка за поставување вибрациски ленти на пешачкиот премин на булеварот „Гоце Делчев” во Штип, каде што пред 11 дена беше прегазен 15-годишен средношколец, кој на големиот училишен одмор преминуваше улица со група на ученици, а 68-годишен возач го прегази, по што момчето по неколкуте операции на главата и градите се уште е во критична состојба и е хоспитализиран во Клиничкиот центар во Скопје.

Сообраќајниот инспектор во Општина Штип, Оливера Блажева на денешната комисија за образование во Советот на Општина Штип информираше дека вертикалната сигнализација ќе биде зголемена со флуоросцентни и поголеми сообраќајни знаци, кои ќе ги предупредуваат возачите дека има училиште и да ја намалат брзината.

-Додека за вибрациските ленти очекуваме да ги поставиме за околу еден месец, вели Блажева.

Директорот на СОУ „Коле Нехтенин”-Штип, Дејан Павлов вели дека веќе се почнати и подготвителните градежни активности за изградба на кружниот тек на булеварот „Гоце Делчев”, каде што екипи на ЈП „Исар” веќе работат на рачен ископ за промена на водоводната и канализациска мрежа, во овој дел на градот. Безбедноста на учениците е зголемена и со присуството на полициски службеници на пешачките премини за време на големите училишни одмори и тоа и за првата и втората смена.