Со признание за најдобар актер на престижниот фестивал „Репасаж“ кој се одржа во српскиот град Уб, се врати актерот во кавадаречкиот театар Диме Коцевски. Фестивалот се одржа по 11 пат, а кавадарчани ја изведоа претставата „Пасивно пушење“.
Коцевски имаше брилијантната изведба на ликот на Атанас, типичен балканец, растргнат помеѓу монотонијата на секојдневието и домашните проблеми, кој ќе заглави на парискиот Шарл Де Гол поради грешка на безгрешниот европски систем за тероризам. Тој ја освои публиката во Уб, но и тричленото жири во состав Жељко Хубач, драматург, Милорад Милинковић, режисер и Зоран Ќосиќ, глумец во народниот театар во Белград.

„Многу убаво искуство. Секоја награда си има своја тежина и си носи и свои одговорности. Јас сум многу благодарен на фестивалот во Уб што ме прогласија за најдобар актер. Тоа не е само моја заслуга. Тоа е заслуга на страшно добро избраниот текст на Небојша Ромчевиќ, можеби и најдобриот текст кој досега сум го играл и феноменалната режија на Јордан Витанов кој се даде 110 отсто, за да излезе се како што треба и нормално моите колеги на сцена и целата екипа од домот на културата. Наградата не е само моја, би рекол таа е наша“ рече Коцевски.
Претставата беше изведена на македонски јазик, но најдобриот актер на фестивалот вели дека тоа не било проблем за публиката.
„Тоа беше и единствениот страв, дека може таа јазична бариера да направи проблем. Но реакцијата на публиката, разговорот на округлата маса со самото жири ни покажаа дека таа јазична бариера и не е толку голема“ – додава Коевски.
Кавадаречкиот театар со , претставата „Пасивно пушење“ го отвори годинешното издание на фестивалот во Уб, на кој учество земаа театри од сите поранешни југословенски републики.
Ангел Данов


