Актерот Диме Коцевски доби признание за најдобар актер на фестивал во Србија – ММС
ММС

Објавено на: 11/20/18 7:33 AM

Актерот Диме Коцевски доби признание за најдобар актер на фестивал во Србија

Со признание за најдобар актер  на престижниот фестивал „Репасаж“ кој се одржа во српскиот град Уб, се врати актерот во кавадаречкиот театар Диме Коцевски. Фестивалот се одржа по 11 пат, а кавадарчани ја изведоа претставата „Пасивно пушење“.

Коцевски имаше брилијантната изведба на ликот на Атанас, типичен  балканец, растргнат помеѓу монотонијата на секојдневието и домашните проблеми, кој ќе заглави на парискиот Шарл Де Гол поради грешка на безгрешниот европски систем  за тероризам. Тој  ја освои публиката во Уб, но и тричленото жири во состав Жељко Хубач, драматург, Милорад Милинковић, режисер и Зоран Ќосиќ, глумец во народниот театар во Белград.

„Многу убаво искуство. Секоја награда си има своја тежина и си носи и свои одговорности. Јас сум многу благодарен на фестивалот во Уб што ме прогласија за најдобар актер. Тоа не е само моја заслуга.  Тоа е заслуга на страшно добро избраниот  текст на Небојша Ромчевиќ, можеби и најдобриот текст кој досега сум го играл и феноменалната режија на Јордан Витанов кој се даде 110 отсто,  за да излезе се како што треба и нормално моите колеги на сцена и целата екипа од домот на културата. Наградата не е само моја, би рекол таа е наша“ рече Коцевски.

Претставата беше изведена на македонски јазик, но најдобриот актер на фестивалот вели дека тоа не било проблем за публиката.

„Тоа беше и единствениот страв, дека може таа јазична бариера да направи проблем. Но реакцијата на публиката, разговорот на округлата маса со самото жири ни покажаа дека таа јазична бариера и не е толку голема“ – додава Коевски.

Кавадаречкиот театар со , претставата „Пасивно пушење“ го  отвори годинешното издание на фестивалот во Уб, на кој учество земаа театри од сите поранешни југословенски републики.

Ангел Данов