Лозарите се’ уште чекаат пари за грозје од 2015 година, визбата должник можно е да замине во стечај – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/18 2:59 PM

Лозарите се’ уште чекаат пари за грозје од 2015 година, визбата должник можно е да замине во стечај

Околу 850 илјади евра е долгот кон петстотини лозари на винарската визба „Стефан вајнари“ од Кавадарци, за грозје купено во 2015 година. Производителите кои го предале родот стравуваат дека ќе останат без парите доколку винаријата замине во стечај. Дел од лозарите кои се членови на здружението „Напредни лозари“ утре ќе присуствуваат на судско рочиште во гостиварскиот суд, по што ќе се знае дали винаријата ќе оди во стечај.

„Побарувањата се околу 850 илјади евра. Утре имаме рочиште во 10 часот во судот во Гостивар. Утре ќе знаеме дали винаријата ќе оди во стачај. Стравуваме дека ќе останеме без пари. Не знаеме колку должи. Може да се јави и друг доверител и може сликата комплет да се измени“ изјави за канал 77 Трајче Кулев, претседател на Здружението „Напредни лозари“.

Дел од лозарите иако поднеле тужби за побарувањата се’ уште не можат да дојдат до своите пари. Има лозари кои чекаат наплата на долг и од над 2000 евра.

„Убеден сум дека во стечајната маса ќе има повеќе од 90% за исплата на лозарите. Ја поддржувам иницијативата на лозарите. Ќе се вклучам и лично за обезбедување на правна заштита лозарите да си наплатат од визбата“ рече пратеникот Панчо Минов.

Над 1 милион евра должи и неготинската винарија „Повардарие“ за грозје купено во 2015. Визбата очекува од државата околу 700 илјади евра по основ на ветени субвенции од минатата власт за откупено грозје. Дознаваме дека визбата планира да исплати дел од долгот кон лозарите токму со тие пари.

Ангел Данов