Албанскиот театар реконструиран до крајот на годинава, првата премиера се очекува во март – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/18 1:52 PM

Албанскиот театар реконструиран до крајот на годинава, првата премиера се очекува во март

По двата пробиени рока за пуштање во употреба на новиот објект на Албанскиот театар годинава, министерот за култура, Асаф Адеми најавува дека тоа ќе се случи следниот месец. На брифинг со новинарите, тој информираше дека минатата недела се сретнал и со директорот и со изведувачот, кои ветиле дека до крајот на 2018, сите работи ќе се реализираат. Првата премиера пак, се очекува во март следната година.

Во меѓувреме, реконструкцијата на овој Театар останува предмет на предистражна постапка што ја води Специјалното јавно обвинителство. Телевизијата Алсат – М објави дека предметот е обезеден и превземен од редовното обвинителство, а во СЈО веќе е во завршна фаза. До Обвинителството што го предводи Катица Јанева веќе е испратен и извештајот од надворешната реввизија за изградбата на театарот, која утврди дека се можни незаконски дејствија од раководството на културната институција. Раководството на Театарот сепак, ги отфрли овие информации како невистинити.

Министерот Адеми потенцираше дека не сака да зборува околу истражната постапка, бидејќи како што рече, Министерството не е истражен орган. Тој најави дека ќе се консултира со правните служби, па ако има потреба извештајот ќе го испратат и до Владата.