Од кујната на Лидија ни доаѓа уште еден феноменален рецепт за тестенини. Станува збор за многу лесен и брз рецепт за шпагети во ароматичен сос, наменет за сите обожаватели на зачинета и лута храна.
Рецептот е многу едноставен и всушност сѐ што ви треба за негова подготовка е едно пакување шпагети, лук, чили пиперки и сос. Доколку не сте обожаватели на прелута храна, може и воопшто да не користите чили пиперки и да ја намалите количината на чили сосот. Изборот останува на вас и се зависи од вашите лични желби и вкус. Иако убавината на овој рецепт лежи токму во неговиот пикантен вкус и специфична арома на лук, сепак и помалку лутата варијанта на ова јадење сигурни сме дека ќе биде подеднакво добра.
Состојки:
- 400-500 г шпагети
- 200 мл маслиново масло
- 10-12 чешниња лук
- 1-3 лути чили пиперки
- 2 лажички чили сос
- пармезан по желба
- сол и црн пипер по вкус
- свеж магдонос за декорација.
Подготовка:
- Најпрво исчистете ги лукот и чили пиперките, а потоа исечкајте ги.
- Во тенџере на оган ставете поголема количина на вода. Додајте сол и оставете ја водата да зоврие. Во зовриената вода ставете ги шпагетите и сварете ги.
- Во тава на оган на загреано масло ставете ги чили пиперките и лукот. Кратко запржете ги колку да омекнат.
- Откако шпагетите ќе се сварат истурете им ја водата.
- Во тенџерето со исцедените шпагети, додајте ги врелото масло, лукот и чили пиперките. Зачинете со сол, црн пипер и чили сос. Добро промешајте.
- Топлите шпагети во ароматичен сос поросете ги со пармезан и малку свеж магдонос и послужете ги веднаш. На здравје!
Рецептот го испратил: Лидија Јошевска
Превземено од: sezahrana.mk


