Во пристапното предавање во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Блажо Боев откри дека дошле до напредни резултати кои укажуваат на тоа дека во рудникот Алшар можат да се појават форми на живот. Овие форми се значајни во поврзувањето на појавата на живот на планетата Земја, најави Боев. Ректорот на штипскиот универзитет заедно со неговиот колегата Владимир Берманец од Хрватската академија на науките и уметностите, веќе подолго време работи на длабински истражувања на Алшар, кои покажуваат, како што вели, на исти екстремни услови какви што постојат на дното на океаните. Истражувањата се однесуваат на тоа колку има живот во вакви екстремни услови.
-На Алшар откривме нови видови бактерии кои живеат само на арсенска подлога и тоа се најновите форми на живот откриени на Алшар. Тоа се најновите сознанија за Алшар како раритет во поглед на геологијата, минералогијата, а се надевам во генерациите кои доаѓаат и на утврдувањето на животот. Во минералите на арсен и на талиум кои ги има во изобилство, и баш во нив, таму кај што најмалку очекувавме дека внатре во секундарните минерали ќе најдеме нешто живо, меѓутоа, таму врие од живот,рече професор Боев на неговото пристапно предавање во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Според него, во триесетте години истражување на овој локалитет кој е тежок за работа и истражување, освен што се најдени значајни минерали како лорандитот, кој го има во голема концентрација, најголема во однос на други локалитети во светот, има еден многу позначаен елемент – големата концентрација на форми на живот во вакви екстремни услови.
„Алшар – нови форми на живот“ е насловено пристапното предавање на Боев во МАНУ по повод неговиот избор за дописен член на Академијата. Академик Боев се осврна на научните истражувања што тој со својот тим истражувачи подолг период ги работи на локалитетот Алшар.
По пристапното предавање беше промовирана и монографијата „Алшар – светско природно наследство“. Промотори беа академик Владимир Берманец и проф. д-р Доне Гершановски, а пригодна реч имаше академик Таки Фити, претседател на МАНУ. Автори на монографијата, покрај проф. д-р Блажо Боев, се и професорите Глигор Јовановски, Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски и Иван Боев.


