Подготвена е зимската служба за дејствување, информираа денеска од општина Кавадарци. Склучен е договор со компанијата„Градба промет“ која при врнежи од снег има обврска да ги расчистува улиците и локалните патишта во Кавадарци. Договорот е тежок три милиони денари, пари од општинската каса.
„Договорот е со траење до 15 февруари. Согласно нашата проверка утврдивме дека изведувачот е опремен со соодветната потребна механизација и располага со три камиони со нож и посипувач, два трактори за одржување на патиштата до селата од Бошавијата , еден булдожер, еден камион со фрлач на снег. Располага и со потребната количина на индустриска сол и ризла“ вели Драган Рамов, сообраќаен инспектор во локалната самоуправа.
Тој нагласи дека улиците се поделени во три категории.
„Сметам дека сме спремни да одговориме навреме се со цел да има безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови“ рече Рамов и апелираше до граѓаните прописно да ги паркираат возилата за да можеле возилата за интервенции непречено да работат.
Тротоарите и годинава се оставени за расчистување од вработените на ЈП Комуналец. Инспекторот по сообраќај ги потсети соптвениците на дуќани на обврската која ја имаат.
„ Согласно законот, секој сопственик на деловен простор во централното градско подрачје е должен да го исчисти тротоарот пред својот дуќан“ вели Рамов.
Општина Кавадарци на своја територија има голема површина со патна инфраструктура. Но Кавадарчани очекуваат брзо дејствување на зимската служба, како би можеле непречено да се движат, при евентуални снежни врнежи.
Ангел Данов


