Груевски нема бугарски пасош – тврди Борисов – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/18 6:09 PM

Груевски нема бугарски пасош – тврди Борисов

Поранешниот премиер, Никола Груевски ниту сакал ниту пак Бугарија му издала бугарски пасош. Ова денеска го изјави премиерот Бојко Борисов кој  се обрати на заедничка прес конференција со неговиот македонски колега, Зоран Заев. Борисов ја искористи приликата за да ги демантира информациите што ги пласираа дел од медиумите, според кои, Груевски стигнал до Унгарија со бугарски пасош.

Должен сум да отфрлам една лажна вест. Груевски ниту сакал, ниту од бугарска страна е издаден пасош. Стопроцентно се работи за лажна вест – потенцираше премиерот на Бугарија.

Попладнево пак, албанската телевизија Ора нуз објави дека Груевски напуштајќи ја земјава се упатил кон Албанија, од каде заминал на 11 ноември околу 19 часот.

Груевски од Албанија излегол преку граничниот премин Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница. Бил во дипломатско возило на унгарската амбасада и поседувал пасош на негово име.

Повикувајќи се на сигурни извори, Топ чанел телевизија, наведува дека од прегледот на TIMS системот на премините, произлегло дека тој на албанска територија не влегол преку официјален премин, туку илегално преку зелениот појас.

Претходно унгарската амбасада во Тирана ниту ја потврди, ниту ја демантираше информацијата дека Груевски, една ноќ минал во оваа амбасада.

За тиранската телелвизија Топ чанел, од амбасадата кусо одговориле дека „не ги коментираат процеси што се во тек“, поаѓајќи од фактот дека барањето за азил на Груевски се разгледува во Будимпешта.