Владата со „План за чист воздух“ ќе ја намалува загаденоста – граѓаните најавуваат протести – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/18 1:53 PM

Владата со „План за чист воздух“ ќе ја намалува загаденоста – граѓаните најавуваат протести

Намалување на аерозагадувањето за 50 проценти во следните две години во Скопје и за 30 проценти во останатите градови. Ова го предвидува  владиниот „План за чист воздух“ кој денеска го презентираше  заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.

„Првпат е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности, 98 милиони денари (1,5 милион евра), но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства. За остварување на мерките од планот ќе има и поддршка од меѓународни финансиски организации за што до крајот на годинава ќе се организира донаторска конференција“ информира Макрадули.

Според анализите, додаде тој, воздухот најмногу се загадува со затоплувањето и транспортот, па  затоа ќе се почне со промена на системите за греење во јавни установи, како градинки и училишта.

Додека Владата чека да дојде 2019 година за да, според најавите,  ја постави борбата со аерозагадувањето во своите стратешки приоритети скопјани и понатаму се гушат, поради високото ниво ПМ10 честички во воздухот. Според мерењата и резултатите објавени на страната на ресорното министерство вчеравечер во Центар концентрацијата во воздухот со ПМ10 честички изнесувала 119 микрограми.

Високо ниво на загаденост деновиве има и во Кавадарци, во Тетово и во Куманово, каде граѓаните в сабота ќе протестираат и ќе дадат свои предлози за да се намали аерозагадувањето. Протест за сабота се најавува и во Скопје.