Должниците за вода во Кавадарци можат да платат на 60 рати – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/18 12:19 PM

Должниците за вода во Кавадарци можат да платат на 60 рати

Кавадарчани кои имаат застарени долгови за вода кон ЈП Комуналец добија можност истите да ги платат до 60 рати. Оваа поволност ја усвои кавадаречкиот совет по барање на управниот одбор на претпријатието и градоначалникот, бидејќи голем број граѓани имале големи долгови, па претходната одлука,  дека можат да платат до 20 рати не им била од корист.

Советот едногласно ја усвои новата одлука, а како што нагласија советниците, целта е граѓаните да си го исчистат долгот, но и редовно да ги плаќаат новите сметки.

„Многу граѓани имаат натрупани долгови над 70 илјади денари. Тоа значи дека 20 рати им се малку и не можат објективно да ги плаќаат ратите со тековните сметки. Затоа,  предлагаме да се зголеми до 60. Минималната рата да не биде под 1000 денари, за да не му се дозволи некој со долг од 5000 денари да може да плаќа на 60 рати. Двата услови треба да се запазат, а ЈП Комуналец да води сметка да не застари договорот за плаќање на рати. Договори ќе можат да се склучуваат до 28 февруари следната година“ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој побара од советот во иднина рокот за плаќање на рати да не се продолжува, бидејќи на тој начин ќе се нарушела рамнотежата за редовно плаќање на сметките за вода и комунални услуги.

Кавадаречкиот совет ваквата поволност за граѓаните ја оправдува со фактот дека голем број граѓани имаат големи долгови и доколку се започне да се наплаќаат со извршители тогаш тие ќе бидат оптоварени со дополнителни трошоци. Бидејќи Комуналец е во добра финансиска состојба може да дозволи граѓаните да си го платат долгот на повеќе рати, објаснуваат од општината.

Ангел Данов