Парите ги обезбеди општина Велес која конкурираше со проект „Паметно езеро Младост“ во кој предвиде реализација на 27 активности, поточно 8 инфраструктурни зафати потоа набавка на опрема, поставување на сигналитика, организирање на обуки и за туристички промоции. Грантот околу 1.080.000 евра. Поточно 974.433 евра ќе ги обезбеди Европската Унија од ИПА програмата додека 10% или 104.000 евра се учество на Општина Велес од Програмата за активностите во областа на локален економски развој за 2019 година.
-Со проектот Велешани и регионот ќе добијат нова пешачка патека покрај езерото долга 750 метри, еко камп со 7 унифицирани куќички од дрво во форма на вински буриња како симбол на македонскиот вински пат и парк за авантури за деца во рамките на кампот, рече градоначалникот Аце Коцевски
Со проектот ќе се гради пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“, ќе се уредуваат и маркираат велосипедски патеки во должина од 17, 5 километри, ќе се уредуваат паметен паркинг за 23 возила, ќе се постават 43 паметни сијалици, а крајбрежниот појас на езерото под патеката ќе биде песажно и хортикултурно уреден.
Она што е особено интересно се набавките на 20 паметни влосипеди, 5 паметни контејнери, 5 паметни клупи на соларна енергија, 30 контејнери, платформа за набљудување на птици и киоск за продажба на сувенири. Од паднатите дрвја крај езерото ќе бидат изработени клупи.
-Освен за уредување на велешко езеро исто така во Велес, со финансиски средства од проектот, ќе отвориме туристичко биро во зградата на поранешните општествено политички организации. Проектот опфаќа и активности за сигналитика со поставување на билборд крај автопатот Е 75, и информативни табли долж езерото, како и промоција преку промотивни видео спотови, брошури, систем на СМС пораки и веб страница, додаде Коцевски.
Проектот „Паметно езеро Младост“ е најголемиот грант што досега го добила Општина Велес. Очекувањата се од една страна проектот треба да му помогне на градот да прерасне во значајна транзитна туристичка дестинација, дома и пошироко во регионот а од друга страна отворање на нови работни места.
Годишно, на Езеро Младост поминуваат над 2 милиони туристи.


