Протест за почист воздух во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/18 2:19 PM

Протест за почист воздух во Куманово

На социјалните мрежи граѓаните на Куманово се организираат на протест поради загаденоста на воздухот во градот под мотото „Излези за чист воздух“ кој треба да се одржи во сабота со почеток во 12 часот на градскиот плоштад.

Како организатор се јавува извесен Милош Стаменковиќ, но кои се конкретните барањата или предлози за намалување на аерозагаденоста се уште не е објавено на настанот.

Го прашавме и градоначалникот Максим Димитриевски дали ќе излезе на протестот да ги слушне нивните барања, а тој рече дека секојдневно ги слуша барањата на граѓаните, но дека ги поддржува нивните акции затоа што сите заслужуваат да дишат чист воздух.

– За жал не само ние, туку и многу посовремени и посериозни држави од нас не можат да се справат со загаденоста на воздухот затоа што присуството на ПМ10 честичките во воздухот го создаваме сите ние заедно. Првенствено со согорување на несоодветен огрев, со возење на возила кои знаеме дека се оштетени и секако граѓани кои палат огин, диви депонии. Во рамките на општината е формирана еколошка патрола која дежура целодневно и ќе ги открива овие случаи, рече Димитриевски.

Како што додаде Димитриевски мерната станица во Општина Куманово е лоцирана кај еден од најголемите загадувачи, а тоа е градската Општа болница, која се затоплува на мазут.

– Од страна на Општина Куманово е понудено до Министерство за здравство да пристапи во инвестиција на гасификација на градската болница. Ние сме подготвени во секој момент преку нашето јавно претпријатие да испорачаме гас. Нашата интенција е да се гасифицираат што поголем број на јавни објекти, големи корисници во градот и колективни живеалишта, додава Димитриевски.

Градоначалникот апелираше граѓаните помалку да ги користат своите возила, а кога загаденоста е поголема да не излегуваат од дома.

Субвенции за печки на пелети не е решение, вели Димитриевски, затоа што од експертите дознал едка токму пелетите се големи загадувачи на воздухот, и покрај тоа што таква мерка има воведено Град Скопје.

Освен аеросолизацијата која започнува денес, миење на улиците кое започна вчера, како мерка е субвенцијата од 10.000 денари за секое домаќинство кое ќе одлучи да се приклучи на гасоводната мрежа.