Градоначалникот на Кавадарци сработил 60 отсто од програмата само во првата година – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/18 12:18 PM

Градоначалникот на Кавадарци сработил 60 отсто од програмата само во првата година

Шеесет отсто од ветената програма веќе е реализирана. Заедно со советот работиме за поубаво Кавадарци – ова меѓу другото го рече на прес конференција градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, давајќи отчет за сработеното во првата година од мандатот.

Задоволен е од соработката со советот и ја нагласи едногласната поддршка речиси за сите одлуки и програми. Мнозинството во советот го има СДСМ, а градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ. Тие на дело покажуваат дека двете партии кои се големи ривали можат да соработуваат кога се во прашање граѓаните.

„ Во текот на изминатата година асфалтирани се улици со вкупна површина од околу 19 000 метри квадратни, а поплочени со улици и тротоари со вкупна површина од околу 12 000 метри квадратни.  Комуналната изградба со силен интензитет ќе продолжи и во 2019 година. Инфраструктурата во Општина Кавадарци е значително подобрена, ги реконструираме најфреквентните точки, Северен и Западен Булевар кои во 2019 година ќе бидат целосно готови“ рече Јанчев и се осврна на проектите во културата и спортот.  Информираше дека за спортските клубови општината издвоила 11 милиони денари, а за манифестациите Тиквешки гроздобер и Свети Трифун општината потрошила околу 7 милиони денари.

Нагласи дека значително биле подобрени условите во училиштата, а за најмладите е отворен нов објект од детската градинка во кој се згрижени околу 80 деца. Најави изградба и на нова градинка следната година.

Задоволство од досега сработеното на градоначалникот и советот во изјава за канал 77 искажа и претседателот на кавадаречките социјалдемократи Горан Тодоров. Рече дека прават заложби кај централната власт да подржи повеќе проекти за Кавадарци.

„Ние заедно со советничката група на СДСМ партиципираме во локалната власт. Лобираме пред централната власт за проекти за Кавадарци. Како дел од тоа лобирање е изградбата на нов мост во селото Ваташа, изградба на западен булевар. Имме конструктивна соработка се во интерес на граѓаните на Кавадарци“ рече Тодоров.

Градоначалникот Јанчев во својот отчет нагласи дека поминал исклучително тешка година, но минувајќи  низ голем предизвик,  заедно со службите на општината,  биле посветени да го изменат ликот на Кавадарци, а довербата од граѓаните му била мотив за поголеми успеси.

 

Ангел Данов