Фото: СДК.МК
Како ќе се подобрат здравствените услуги без да се овозможат правата на медиинските сестри -ова прашање денеска до надлежните иституции го упати Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри. Оттаму реагираат дека иако Предлог буџетот за 2019 предвидува за 10 проценти повисоки плати за лекарите специјалисти, медицинските сестри никаде не се споменуваат, па така тие не само што не се планирани во буџетите на здравствените институции за зголемување на платите, туку и во буџетите за едукации и специјализации.
Здружението и вчера јавно реагираше за проблемите со медицинските сестри во земјава, кои се’ почесто остануваат без работа поради пензионирање или смрт на докторот во чија ординација работеле.
Тие побараа од ресорниот министер Венко Филипче да им овозможи да се вратат во јавното здравството и се пожалија дека од него не добиле ништо друго освен ветување дека нивниот статус ќе се реши со измените на Законот за здравствена заштита.
„Добивме ветување дека ќе има изменување и дополнување на Законот. Тоа се случи, но ние не бевме вклучени. Сите контакти со Министерството во последниот период ни се ветува дека законот ќе биде во процедура, но додека не е, секојдневно имаме сестри кои остануваат без работа“, изјави Гордана Бишлиовска, претседателка на Здружението „За нас“ кое денеска соопшти дека изминатиов период подготвиле предлог решенија за проблематиките со сестрите концесионери, но се жалат дека од Министерството за здравство немаат слух за нив.
Надлежните пак, вчера во писмено соопштение потенцираа дека Владата веќе ги усвоила законските измени со кои во јавното здравство без оглас ќе се преземаат здравствени работници од приватните ординации кои се затвориле. Овие измени веќе се влезени во собраниска процедура.


