Груевски е во Будимпешта – потврди МВР – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/18 5:50 PM

Груевски е во Будимпешта – потврди МВР

Шест часа по објавата на Фејсбук, Министерството за внатрешни работи потврди дека поранешниот премиер, Никола Груевски побегнал во Будимпешта. Во соопштението од МВР се наведува дека тој од унгарските власти бара азил.

Од МВР за ова веќе го информирале и Основниот суд Скопје 1, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница за Груевски, кој е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО.

Откако министерот за внатршни работи, Оливер Спасовски, како што и претходно објавивме, вината за бегството на Груевски ја префрли на судот, министерката за одбрана Рамила Шекеринска прашана за коментар изјави дека владата не може да се меша во судската власт.

„Не можеме да го земеме ниту нивниот дел од одговорноста, ниту нивниот дел од задачите. Со право ќе бевме критикувани ако МВР  реагираше пред да има официјален налог. А сега судството треба да истражи зошто за овие случаи, велам, толку тешко применуваат притвор, а веќе им избегаа одредени луѓе и зошто требаше, ако не се лажам четири дена, за налогот од суд  да стигне во МВР? Но, нема да ги решаваме проблемите ако Владата стане и обвинителство и судство и извршна власт. Тоа ќе биде нов проблем само со ново име. Или со нов печат“, изјави Шекеринска.

Во врска со овој случај, денес во Министерството за надворешни работи бил повикан амбасадорот на Република Унгарија во Скопје, Ласло Дукс. Тој се сретнал со државниот секретар Виктор Димовски, со цел информацијата да биде проверена и по дипломатски канали.