Спасовски и Судот си ја префрлаат топката за бегството на Груевски – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/18 4:30 PM

Спасовски и Судот си ја префрлаат топката за бегството на Груевски

Откако министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски  денеска изјави дека не чувствува одговорност во врска со тоа што екс премиерот Никола Груевски во моментов е бегалец и дека одговорноста треба да ја преземат оние што одредуваат мерка притвор, од Кривичниот суд му реплицираа дека тие не можеле да му одредат притвор на Груевски бидејќи СЈО не побарало таква мерка.

Оттаму велат дека во никој случај не можат да се согласат со обвинувањата дека судот е виновен за евентуалното бегство на обвинетиот, дотолку повеќе што МВР и по наредба на обвинителството или по служебна должност, доколку утврди дека истото е неопходно, може да презмеме мерки за обезбедување на одредено лице.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев потенцира дека во случајот „Тенк“ во кој поранешниот премиер беше осуден на двегодишна затворска казна, од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Груевски.

Посочи дека двата пасоши на Никола Груевски и дипломатскиот и неговиот личен пасош се одземени и определена е мерката јавување во предметот „Титаник“, додека во предметот „Тенк“ нема никаков предлог ниту за обезбедување на некаков имот, ниту предлог за некакви си мерка за обезбедување негово присуство.

Во однос на објавата на фејсбук-профилот на поранешниот премиерот Никола Груевски во која вели дека е во Унгарија каде што побарал политички азил од тамошните власти, Џолев рече дека тоа треба надлежните државни органи најпрвин да го утврдат од каде е воспоставен линкот, дали станува збор за преусмерување на истрагата и слично.