Кавадарчани дишат загаден воздух – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/18 1:41 PM

Кавадарчани дишат загаден воздух

Осумнесет дена во континуитет кавадарчани дишат контаминиран воздух со ПМ 10 честички. Ова го покажуваат податоците од мерната станица на Министерството за животна средина и просторно планирање. Се повторува состојбата од минатата година, кога најверојатно поради затоплувањето на домовите со дрва како реагенс и варењето на ракија, воздухот е се по загаден. ПМ10 честичките се далеку над дозволените 50 микрограми на метар кубен.

Проблемот со загадениот воздух го следат и од општината. Градоначалникот Митко Јанчев најавува формирање на јавно претпријатие за гасификација и заобиколница за да се намалат издувните гасови од тешките теретни возила кои минуваат низ централното градско подрачје.

„Знаете дека сме една од по загадените општини во зимскиот период. Затоа работиме на план за гасификација. Очекувам во јануари тој план  да помине на совет. Ќе формираме и јавно претпријатие за гасификација  и ќе чекаме државата да ни овозможи приклучок на гас. Истражувањата покажуваат дека навистина од огревните дрва и варењето ракија имаме преголемо загадување. Не е само тој факт. Факт е дека во Кавадарци имаме околу 500 тешки товарни возила кои поминуваат низ самиот град. Трајно решение е да направиме заобиколница која што ќе биде од пред селото Марена се до „Југо комерц“ и да биде транзитна заобиколница,  бидејќи имаме развиена индустрија. Кавадарци по број на жители има најмногу автомобили или 14300 автомобили на 40 илјади жители“ вели градоначалникот Јанчев.

Од еколошкото друштво „Еко живот“ бараат општината да изготви локален еколошки акционен план, документ кој е неопходен за општината.

Високата концентрација на ПМ10 честитчки се регистрира особено после 16 часот, кога температурата на воздухот се намалува, а кавадарчани ги палат огновите за затоплување. Мерната станица покажува во изминативе 18 дена речиси двојно повеќе ПМ10 честички во воздухот во Кавадарци.

 

Aнгел Данов