Искинатата патика покрај оградата на средното училиште на влезот од Штип, се’ уште сведочи за грозната слика што пред неколку дена ја потресе штипската јавност кога ученик преминувајќи на пешачки премин беше прегазен од залетан и несовесен возач. Детето се’ уште е во критична состојба. Три дена по настанот, неговите соученици застанаа пред училиштето и на улицата.
,,Децата немаат сопирачка“, пишуваше на еден од транспарентите. Општината со кружен тек ќе ја намалува брзината на возилата. Родителите бараат дополнителни мерки.
Ги праќаме децата на училиште, не во смрт
Прегазувањето на петнаесетгодишниот ученик на пешачкиот премин пред самото училиште во Штип, го вклучи алармот кај родителите. Проблемот тлее со години, но последниот инцидент ја прелеа чашата. Тие за прв пат се организираа и гласно на протест, со блокада и апел, побараа од Општината под итно да се реши проблемот со безбедноста на пешаците, пред се’ ученици, но не само пред средното техничко училиште ,,Никола Нехтенин“, туку и пред сите училишта каде што има потреба за тоа.
„Ги праќаме децата на училишта, не во смрт“, револтирани се родителите, кои, поддржани и од учениците и професорите, протестираа и еден час го блокираа сообраќаат на пешачкиот премин пред средното училиште, каде што минатата недела беше прегазено дете.
Лидија Арсова, родител, вели дека во рок од десет дена ова е втор случај, на булеварот Гоце Делчев да биде удрен средношколец од возило во движење на булеварот.
-Целта на протестот е надлежните конечно да преземат мерки за поголема безбедност на средношколците во ова училиште, но и на студентите од природнотехничките факултети на Штипскиот универзитет.
-Како родител на деца што учат во ова училиште, многу ми е жал што во ова денешно време да не и е обезбедено местото на школување. Сметам дека под итно треба да се најде решение -додава Љупка Ристова, родител.
– Многу е небезбедно, страшно за поминување и тука и пред факултетите – вели Марина Стојанова, ученичка во четврта година, која што заедно со своите соученици протестираше пред училиштето.
– Има многу несреќи и мои школски другари имале ,,блиски средби “ со автомобили. Последната незгода се случи пред мои очи. Страшно. Полицијата ја има но многу ретко. Сепак, тоа не е решение, наместо со 40 се вози со над 100 километри на час.
Со години наназад училиштето бара поголема безбедност за учениците
Проблемот со безбедноста на училиштето кое што се наоѓа на влезот на градот е акутен и се провлекува со години.
Директорот на училиштето „Никола Нехтенин“, Дејан Павлов, вели дека како училиште ги имаат преземено сите мерки, имале доставено и барања до локалната власт за поставување на дополнителна сообраќајна сигнализација за поголема безбедност на сообраќајот.
-Од Општината не’ информираа дека ќе се гради кружен тек на крстосницата кај поранешна „Алумина“ со што на ќе се забави движењето на возилата кои на булеварот возат и со 100 километри на час, а не со 50 колку што е пропишаната брзина – информира Павлов
Лежечки полицаец или пешачки мост – родителите барат дополнителни мерки
Изградбата на кружниот тек ќе започне за неколку дена, информираше сообраќајниот инспектор Оливера Блажева
– Кај „Алумина“ ќе се гради кружен тек, кој што секако ќе ја намали брзината на движење на возилата и ќе биде повлечен поблиску до средното училиште.На тој начин возилата ќе нема да имаат можност за развивање на некои големи брзини и со самото тоа ќе се избегнат овие немили настани. Ќе биде побезбедно и поминувањето на пешаците на пешачкиот премин. Ианку поминати се сите фази за изградбата на кружниот тек – изработката на проектната документација, има одлука на Советот, одобрување на градба, и останува за неколку дена за започне изградбата – вели Блажева.
Според сообраќајната инспекторка, тоа сега е единственото решение со што се решаваат проблемите со безбедноста на учениците и на другите училишта во градот соодветно на потребите и можностите што ги нудат локациите.
Родителите кои што протестираа, сепак, бараат итно и неодложно решение во прилог на безбедноста на нивните деца. Од протестот беше упатена пораката дека доколку до петок не биде поставен лежечки полицаец, тие ќе ги радикализираат протестите, а една од мерките е да не ги пуштаат децата на училиште.
Законот не дозволува поставување на лежечки полицаец на регионален пат каков што е булеварот Гоце Делчев каде што е лоцирано училиштето, но родителите велат оти училиштето е тука пред овој пат да стане регионален.
И ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција што непосредно пред протестот се одржа пред средното училиште побара од општинските власти под итно да се реши проблемот со безбедноста на учениците, но не само пред пред ова, туку пред сите училишта во градот.





