Голем е бројот на кучиња скитници низ кавадаречките улици. Граѓаните се почесто се жалат дека им е страв да се движат по улица, а најмногу стравуваат за безбедноста на нивните деца. Речиси и да нема место во градот каде неможе да се сретне глутница од најмалку пет кучиња. Во изминатиот период десетина граѓани пријавиле во полиција дека биле нападнати од куче скитник.
Веќе неколку месеци општината преку јавното претпријатие Комуналец работи на решавање на проблемот и за четири месеци се заловени и соодветно третирани над 80 бездомни кучиња.
Од Локална самоуправа потсетуваат дека Советот на општината донесе програма за контрола на популацијата на бездомни кучиња односно нерегистрирани кучиња затекнати на јавни површини без присуство на сопственикот. Нагласуваат дека се интервенира на терен и се решава проблемот со кучињата.
„ по пријава на граѓани и при редовни контроли на терен за појавување на кучиња скитници се интервенира до ЈП Комуналец. Тие ја ангажираат ветеринрната станица Неготино и се излегува на терен да се соберат и згрижат кучињата скитници. Делумно од нив се кастрираат. Оние кои се заболени се применува метод на успивање на кучињата за да не се појави болест и кај луѓето. “ вели комуналниот инспектор Јованче Колев и нагласува дека од други градови се истоварале кучиња во Кавадарци.
„Оваа појава е во континуитет од 5-6 месеци и постојано се провлекува. За на имаме анонимни пријави од граѓани дека доаѓаат возила од други градови во ноќните или утринските часови, истовараат кучиња и заминуваат“ нагласува инспекторот
Од општината апелираат ако се видат вакви животни да се фотографираат за да може да се поведе постапка, затоа што тоа е голем проблем и ако не се реши, ќе излезе дека кавадаречката локална самоуправа не работи на негово надминување.
Ташо Радњански, советник во Советот на општината, на една од седниците предложи маркичките на веќе прегледаните кучиња скитници да не бидат со унифицирана жолта боја, туку да бидат со различна боја, за точно да се знае дали бездомниците потекнуваат од Кавадарци или се донесени од друго место.
Локалната самоуправа за работење на службата која ќе го решава проблемот со кучињата скитници прво одвои 300 илјади денари, а подоцна оваа сума беше дуплирана со одлука на советот.
Ангел Данов


