Опозицијата обвинува дека Заев организира политички прогон – СДСМ тврди Македонија е правна држава – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/18 3:16 PM

Опозицијата обвинува дека Заев организира политички прогон – СДСМ тврди Македонија е правна држава

Во Република Македонија не постои судство ниту правен систем – обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот портпарол, Наум Стоилковски на прес конференција посочи дека премиерот Зоран Заев организира политички прогон. Денешната реакција следува откако во петокот од Основниот суд Скопје 1 ги одбија жалбите на Никола Груевски и неговите адвокати и го потврдија решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер треба да се јави во затворот за издржување двегодишна казна за предметот „Тенк“.

„Документите, обвинителниот акт за Почесниот Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија, Никола Груевски – вели ниту има штета, ниту има материјална корист. Има само набавено возило за потребите на Република Македонија чиј што безбедносен сертификат ги задоволува барањата за странските гости, ама и за владиниот кабинет. Па нели ќе го продаваа, за да спасуваат болни деца? Нели го изложуваа таков гребен, гнасен, никаков? Партизираното судство во пупката на Заев, не може да мине необележан за овој период и за пресудите и однесувањата во нарачаните партиски чистки. Партиското судство се стави во улога на џелат, во улога на страшило за секој оној кој мисли поинаку од извршната власт. Наместо правда и судство во заштита на правата на граѓаните, Република Македонија доживеа џелат и апо за слободоумните и правдољубивите“, изјави Стоилковски.

Од СДСМ сепак се на став дека Македонија е правна држава и секој за кој низ судска постапка се докажало дека го прекршил законот и за тоа постои и правосилна судска пресуда, мора да понесе одговорност. Според социјалдемократите раководството на ВМРО-ДПМНЕ е антидржавно и како што велат, колку тоа и да не му се допаѓа, во земјава функционира правото и правната држава, судството е ослободено од политички притисоци и законите важат за сите подеднакво.