Извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/18 2:52 PM

Извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија

Дваесет и двегодишниот, Филип Димишковски  е првиот пациент на кој во  земјава му е направена  трансплантација на матични клетки од несроден донор. Ваквата трансплантација која е прва од овој вид во земјава била направена минатата недела, соопштија денеска од Клиниката за хематологија во Скопје, од каде потенцираат дека за ваква интервенција пациентите досега биле упатувани во странство.

Младиот пациент го раскажа своето искуство во видео порака упатена до јавноста, за неговата приказна да ги охрабри сите останати пациенти кои имаат потреба од оваа здравствена услуга.

Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис на прес конференција денеска оцени дека ова  е висок професионален дострел на хематолозите:

„Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија“.

Министерот за здравство,  Венко Филипче, рече дека од денеска, лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар:

„Со ова, нашата држава стана дел од Европскиот регистар, а воедно се овозможува голема заштеда на средства, кои остануваат во здравствениот систем – истакна денеска министерот Филипче, кој додаде дека е реализирано ветувањето за инвестиција на Клиниката за хематологија, а продолжуваат инвестициите во инфраструктура во јавноздравствениот систем“.

За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале по 110.000 – 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, зависно од земјата и видот на самата интервенција.